Пешевски: Ќе се гради нов пат на барање на граѓаните, Саса ќе се поврзе со Тораница

И на граѓаните на Крива Паланка и на граѓаните на Република Македонија им кажавме дека и покрај тоа што се случува во овој момент во државата, не треба ни најмалку да бидат загрижени за стабилноста на државата за функционирање на системот, за функционирање на институциите, истакна вицепремиерот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски во дневникот на ТВ Сител, по трибината на владејачката партија во Крива Паланка.

– Една од целите на опозицијата со овој начин на делување е да се креира несигурност, страв кај граѓаните но ние порачуваме дека тоа нема да им успее. Втора порака што ја упативме е дека ВМРО – ДПМНЕ како и досега така и отсега ќе продолжи со реализирање на својата програма, на своите проекти, на она што значи реална политика базирана на реални проблеми и реални потреби на граѓаните.

Тој нагласи дека многу проекти се реализирани и дека голем број проекти за регионот се најавени.

-На барање на жителите на Крива Паланка започнува проект најпрво за поврзување на Саса со Тораница, значи еден нов пат, а тука е и слободната економска зона која се наоѓа помеѓу центрите на општините Ранковце и Крива Паланка каде неколку илјади нови работни места ќе се креираат, истакна Пешевски.

Меѓу поголемиот број најавени мерки, Пешевски се осврна повеќе на мерките за трансформација на работните места во редовен работен однос, како и на мерките од проектот „Македонија вработува“.

Тој потенцира дека граѓаните може да направат разлика кој како планира да дојде на власт и кој како ќе ја практицира власта.

-Ние не слушнавме за изминатиот период ниту еден нов предлог како ќе го подобрат реалниот живот на граѓаните. Тоа е начинот на кој секој треба да ја носи одлкуката на која политичка партија ќе ја даде својата поддршка. За разлика од СДСМ кои објавија околу 30 –тина бомби, ние објавивме околу 60 – тина нови мерки, кои што реално влијаат на животот на граѓаните и ќе продолжиме и во наредниот период, бидејќи тоа е суштината во разликата на концептите, рече тој.