Пешевски: Националните симболи да се базираат на трајни вредности

Националните симболи треба да се базираат на трајни вредности, а не на некакви тековни случувања, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

– Националните симболи што ги имаше Република Македонија беа врзани со начинот на нејзиното општествено уредување и сметам дека е подобро за секоја држава принципите на којшто се бираат националните симболи да бидат базирани не на некакви тековни случувања, туку на трајни вредности, осносно на хералдиката, истакна Пешевски, одговарајќи на новинарско прашање денеска во Домот на АРМ во Скопје.

Тој нагласи дека предлогот за промена на државниот грб ќе биде предмет на јавна расправа.

– На владината седница беше постигнат консензус околу решение коешто ќе даде еден континуитет, независно од тоа како ќе се развива општественото уредување во Македонија, националните симболи да бидат со многу потрајни вредности отколку оние што ги имавме досега. Но, она што е суштински е дека ова е предлог којшто ќе биде предмет на јавна расправа и ќе ги видиме размислувањата на јавноста. Зависно од тоа ќе видиме како ќе тече процедурата, појасни Пешевски.