Пешевски по инвеститори во Полска

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски придружуван од заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски, денес е во посета на Република Полска.

Во рамки на посетата беше одржан и бизнис форум во коорганизација со Полската Агенција за информации и инвестиции.На форумот свое обраќање имаа вицепремиерот Пешевски и вицепремиерот и министер за економија на Полска, Јануш Пехочински, а воедно беа одржани презентации за поволните услови за инвестирање и водење бизнис во Република Македонија од страна на Пешевски и Шеќеровски, пред бизнис заедницата на Варшава.

Пешевски во своето обраќање ја потенцираше отвореноста на македонската Влада кон странските инвеститори и бизниси, нагласувајќи ги досегашните реформи преземени во насока на подобрувањето на условите за инвестирање и водење бизнис во нашата држава.

Македонскиот економски тим одржа и директни средби со високи претставници на поголемите полски компании кои се занимаваат со бизниси од областа на автомобилската индустрија, производство на разни видови електрични уреди и кабли, кујнски производи, производство на вагони, локомотиви и трамваи, земјоделска механизација, рударска механизација, компании кои се занимаваат со пренос на гас и обновливи извори на енергија и слично.
Сите овие компании покажаа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија и соработка со македонски компании од повеќе индустрии.

Вицепремиерот Пешевски оствари и работна средба со вицепремиерот Јануш Пехочински, каде се дискутираше на теми поврзани со билатералната економска соработка помеѓу двете држави.

Соговорниците со задоволство ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, повеќегодишното пријателство одбележано со динамична успешна соработка и изразија желби за понатамошен поттик за промоција на инвестициите, економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.