Пешевски: Продолжуваме со проекти за поголем економски раст

ВМРО-ДПМНЕ во претходните мандати покажа дека знае што е потребно за остварување на економски раст дури и во услови на сериозна светска криза и европска должничка криза, кога предизвиците дополнително го отежнија процесот на креирање на нови работни места, посочи Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски

Тој потсети на новите стандарди што Владата ги утврди во приватниот сектор преку ниските трошоци за фирмите за работа, подобрување на бизнис – климата, изградба на економската инфраструктура – патишта, железници,  енергетика и поддршка за подигање на иновативниот капацитет на фирмите.

„Со новата програма, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи во континуитет да им дава силна поддршка на домашните компании во вид на субвенционирани кредити, ниски даноци со нула стапка за данок на реинвестираната или задржаната добивка, како и значително да ја подобрува бизнис-климата и условите за водење на бизнис“, истакна Пешевски.

Од проектите кои се вклучени во програма тој ги издвои: Кредитната линија за поддршка на малите и средните претпријатија, Фондот за иновации, што вклучува грантови за старт-ап (start-up), спин-оф компании и иновации до максимален износ од 30.000 евра. Грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации до максимален износ од 100.000 евра. Грантови за трансфер на технологии до максимален износ од 200.000 евра. Овој инструмент е наменет за воведување иновативни и напредни технологии во поголемите македонски компании. Поддршка за формирање акцелератори до максимален износ од 500.000 евра. Исто така, Фондот ќе доделува и средства за техничка помош на компаниите до максимален износ од 5000 евра.

„Продолжува реализацијата на проектот „Топ менаџмент“, проект преку кој на менаџери од македонски извозно ориентирани компании им обезбедува теоретска обука во Република Македонија и практична обука во компании во странски развиени земји. Во текот на 2014 и на 2015 година околу 160 менаџери кои ја завршија теоретската обука ќе посетуваат практична обука во високоразвиена европска земја“, вели Пешевски.

За компаниите кои би требало да бидат лоцирани во слободните економски, тој најави олеснување на процесот на добивање меѓународни сертификати, ревидирање на процедурите за доставување стоки и услуги во слободните економски зони. Ќе продолжи и организирањето на директни деловни средби меѓу странските и домашните компании со цел тие да остварат понатамошна деловна соработка. А, преку МБПР, ќе се обезбедат поволни финансиски средства за купување опрема и машини со кои домашните компании ќе можат да го модернизираат сопственото производство и да ги постигнат бараните стандарди за соработка со странските инвеститори.