Пешевски со аргументи и факти го сруши сценариото на СДСМ

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски во целост го сруши сценариото на Зоран Заев и буквално ја детонираше вчерашната “бомба“ на СДСМ, објави „Курир“.

Опозицискиот лидер ниту досега не успеа да ја постигне зацртаната цел која единствено ќе и нанесеше штета на Република Македонија, но со вчерашната прес-конференција си нанесе штета самиот на себе.

Наместо напад кон ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски, што му беше и посакувана цел, со однесувањето на Заев владејачката партија доби само дополнителни политички поени. По изјавата на Пешевски, прес-конференцијата на Заев пропадна во вода и всушност испадна како промоција на проектите на Владата.

Од неговата изјава се утврди пред очиглед на јавноста дека не се преговара за провизијата, туку за намалување на цената на чинење на автопатот што значи помал кредит и помало задолжување на граѓаните. Македонската влада успеа во тоа.

-Во процесот на преговори кој што е многу долг и комплициран има голем број на консултации, анализи, а се разбира и тактики и техники во самите преговори. Доволно е да кажам дека последните рунди на разговори траеа по 19 часа без прекин. Дел од тие техники е и начинот како се спушта цената. Во тоа спуштање се сугерира со кој чекор двете компании да ја намалуваат цената во фазата на преговори. Откога беше постигната горната цена, на двете компании им беше даден дополнителен рок во кој имаа дискреција да ја спуштат цената под ова ниво и да достават конечна понуда. Беше одбрана на најниската понудена цена, за која што слободно можам да кажам дека е меѓу најниските во Европа, истакна Пешевски.

Дека преговорите течеле успешно и цената е намалена, најдобро говорат и фактите кои покажуваат дека цената на чинење по километар должина е помала од онаа во европските земји.

Километар должина во Македонија на автопатите кои денес се градат со кинеска помош е околу 5 милиони евра. Станува збор за автопатот Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

За спредба, автопатот Загреб-Сисак чинел 11,3 милиони евра по километар, автопатот Загреб-Ријека близу 15 милиони по километар. Автопатот Нова Горица-Сисак чинел од 6 до 8 милиони евра по километар. Шест милиони ева чинела градбата на километар од патот Добој во Босна, автопатот Вжешко Тарново чинел 7 милиони евра по километар, а Босињево-Сплит над 7 милиони евра за километар.

Автопатот Босилево-Јосип Дол чини 6,73 милиони евра по километар, автопатот Шестановац-Рафча 6,67 Брезнички Хум- Нови Маров 5,56 милиони евра по километар. Изградбата на делницата Д1 во Словачка чини 32 милиони евра по километар, а просечна цена за изградба на автопат во Унгарија чини 11 милиони евра по километар.

Овие податоци дополнително му покажаа на Заев дека сакајќи да ја критикува, тој всушност ја пофали македонската Влада.

Вицепремиерот Пешевски, со аргументи и факти го сруши како кула од карти сценариото на СДСМ.

-Во преговорите се преговараше и цената, но и огромен број на други технички детали кои што се многу важни: обврски за користење на локални компании, локални вработени и локални материјали, за што успеавме да постигнеме одлични услови. Во овој дел е постигнат најдобар договор од сите држави во регионот, со тоа што над 70% од вредноста на автопатот останува во Македонија, кај македонските компании и работници, истакна вчера Пешевски.

Граѓаните ги препознаваат позитивните проекти на македонската Влада и затоа и даваат поддршка во континуитет.

Тие проекти го подобруваат реалниот живот на граѓаните и затоа обидот на Заев да го оцрни овој проект испадна чист автогол и наместо успех му донесе на Бихаќка тотална политичка хаварија.