Пешевски: Вистината за Македонија не е во монтирани снимки туку во реалните проекти

Сакаме да упатиме порака до граѓаните  дека не треба да бидат ни најмалку загрижени за стабилноста и иднината на државата. И покрај сите политички случувања кои во последно време на еден начин ја дестабилизираат Македонија, сепак државата е во сигурни раце и иднината на државата е просперитетна. Сакаме и да ги потсетиме граѓаните на се она што е направено во изминатиов период, бидејќи тоа е она што е вистината за Македонија.

Ова го истакна вицепремиерот Владимир Пешевски во Дневникот на Канал 5, пред почетокот на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.

-Вистината за Македонија не се базира врз основа на монтирани снимки и разговори што се стекнати на нелегален начин, туку вистината е она што реално се случува на терен, а тоа се реални проекти. Навистина во изминатите 9 години ВМРО-ДПМНЕ има направено многу за Македонија, се разбира треба да се направи уште повеќе за тоа имаме направено и конкретен план и нашата намера е сето тоа да го реализираме, рече Пешевски.

Целта на оваа трибина, додаде Пешевски, е да се потсетат граѓаните и за најновите мерки кои ги спроведува Владата.

-За разлика од 20-те „бомби“ кои опозицијата на еден начин ги детонираше во изминативе два месеци, ВМРО-ДПМНЕ најави 60 нови мерки со кои што илјадници граѓани ќе бидат на позитивен начин опфатени и тоа е она за што сакаме да проговориме. Едноставно, сигурни сме во иднината на државата, знаеме што правиме и граѓаните не трба да бидат ни најмалку загрижени, додаде вицепремиерот.

Во продолжение погледнете го видеото од гостувањето на вицепремиерот Пешевски во Дневникот на Канал 5, пред почетокот на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во Сети Николе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.