Пешевски: Владата покажа разбирање за средношколците, исполнето е нивното клучно барање

Вицепремиерот Владимир Пешевски во денешното гостување во вестите на ТВ „Сител“ говореше за постигнатиот договор со средношколците по однос на предметот математика при полагањето на државната матура.

Пешевски вели дека договорено е само за учениците на природноматематичките насоки во гимназиите,  математика да биде задолжнителен предмет во матурата.

-Оние кои избрале јазична насока, за нив странскиот јазик ќе биде задолжителен предмет, додека за оние на хуманистичките насоки да може да изберат дали сакаат математика или некој од останатите предмети. Над две третини од учениците ќе имаат право да го избираат вториот предмет, бидејќи мајчиниот јазик е задолжителен. Од аспект на она што е клучно за барањето, да се има избор тоа барање е исполнето и навистина не гледам простор понатаму да се продолжи со протести за прашањето во однос на тоа што ќе има на матурскиот испит. Тоа што беше клучно барање тоа е исполнето, смета вицепремиерот Пешевски.

Пешевски вели дека средношколската унија била избрана за преговори како организација која постои над 20 години регистрирана во Централниот регистар. До сега вели Пешевски, средношколската унија за одредени прашања била партнер и на ова и на претходните влади.