Песков: Кремљ мета на стотици кибер напади дневно

Кремљ се справува со стотици, а понекогаш и со илјадници кибер напади дневно, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

– Кремљ е цел на шпионски кибер активности неколку стотици пати дневно, истакна Песков. – Некогаш има и илјадници напади, обиди да се попречи функционирањето на компјутерските системи и интернет страниците, да се воспостави контрола врз некоја страница, таа да се хакира, рече Песков, пренесува МИА.

Тој истакна дека мошне често хакерите нападите врз Кремљ ги вршат од странство и како пример го наведе годишното телевизиско обраќање на шефот на државата Владимир Путин, во кое рускиот претседател во живо одговараше на прашањата на гледачите.

– Обидите да се попречи директната линија, а тоа е мошне сложен телекомуникациски настан, претежно пристигнуваа од странство, рече Песков .

Надградениот официјален сајт на Кремљ беше цел на напад на хакерите претходно во текот на денов, а според Песков тоа секојдневно се случува.

– Сите кибер напади внимателно се следат. Воспоставивме заштита, за тоа се одговорни специјални агенции и тоа тие го прават мошне ефикасно, додаде Песков.

Американската телевизија Си-Ен-Ен претходно јави за упад на руски хакери во чувствителни делови на компјутерскиот систем на Белата куќа.