Песков: Крим неможе да биде тема на разговор

Присоединувањето на Крим кон Русија не може да биде тема на разговор во меѓународната арена, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува МИА.

Русија не дискутираше ниту ќе дискутира со кого било за своите региони. Во овој случај, според изразената волја на граѓаните на Крим и одлуката донесена пред две години треба да се однесуваме со апсолутна почит, истакна Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска отпатува за Крим, додека Русија одбележува две години откако го анектира Полуостровот од Украина, чекор кој ги влоши односите меѓу Москва и Западот.

Путин ќе го посети местото каде се гради мост што ќе ја поврзува Русија со Кримскиот Полуостров над Керченски Теснец. Изградбата на мостот ќе чини три милијарди долари.

Тој ќе се сретне и со претставниците на кримската власт со кои ќе разговара за економскиот развој на Кримскиот Полуостров, кој воглавно е отсечен поради меѓународните санкции и несогласувањата меѓу Москва и Киев.