Пештани доби своја рурална амбуланта

Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески денес ја пуштија во употреба новата здравствена установа што ќе функционира како рурална матична ординација.

Три илјади жители на населените места Пештани, Трпејца и Љубаништа од денеска своите потреби од примарна медицинска нега и заштита ќе ги реализираат во рамки на новоотворената рурална амбуланта во Пештани.

Ова е остварување на уште едно ветување дадено пред граѓаните дека ќе ги направиме сите напори повторно во Пештани да профункционира матичен лекар кој ќе има договор со ФЗОМ и ќе дава соодветна здравствена заштита за граѓаните од Пештани, Љубаништа и Трпејца, рече Стефаноски.

Матичната амбуланта е во рамки на Проектот за рурални амбуланти преку кој се склучува договор со ФЗОМ со сите лекари кои изразиле подготвеност да работат како матични служби во рурални средини, преку објавениот конкурс од страна на Министерството за здравство.

Амбулантата во Пештани е првата установа што веќе профукнционира, а во процедура се уште шест рурални амбулатни за кои постапката е во тек, така што уште толку рурални средини во земјата наскоро ќе имаат матични лекари, појасни Стефаноски, додавајќи дека населението од вкупно 53 рурални средини со повеќе од 224 населени места во Македонија веќе имаат матичен лекар.

Градоначалникот Бакрачески изрази задоволство што со денешното отварање на амбулантата во Пештани се задоволуваат потребите од примарна здравствена заштита за жителите на општина Охрид од тој дел на градот.

Особено важно за нас како локална самоуправа е покриеноста со здравствена заштита во сите делови на општина Охрид, особено во летните месеци кога бројот на луѓе кои престојуваат тука е зголемен за повеќе од три пати. На овој начин го почитуваме принципот за подеднаква достапност на здравствена нега во сите региони на општина Охрид, рече Бакрачески.

Руралната амбуланта во Пештани ќе работи со полно работно време, со обврска по еден ден седмично како матична лекарска служба да ги покрива населените места Љубаништа и Трпејца.