Пет детски одморалишта на продажба за развој на туристичката дејност

Државата понуди на продажба пет детски одморалишта во функција на поддршка на домашната економија и обезбедување на услови за водење на бизнис и проширување на бизнис капацитетите.

Станува збор за петте детски одморалишта ,,Малешево” во Берово, ,,Суви Лаки” во Струмица, ,,Ѓуриште”  во Свети Николе, ‘’Николиќ” во Дојран и ,,Пелистер” во Битола.

Огласот ќе трае до 30. октомври оваа година.

Право на учество на огласот имаат сите домашни и странски физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на недвижни ствари на територија на Република Македонија и кои ќе ја достават комплетната документација согласно условите објавени на огласот со што и практично се стекнуваат со право на учество во постапката на електронското јавно наддавање преку која ќе биде и извршен изборот на најповолната понуда.

Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, објавата за продажба на овие објекти е одлична можност за постоечките субјекти во туристичко-угостителскиот сектор кои планираат проширување на својата дејност преку дополнителни инвестиции или пак за нови субјекти кои би започнале дејност во туристичко-угостителската дејност

-Сите овие места во минатото поради својата местоположба и опкружувањето претставувале значајни туристички капацитети, така да со определена инвестиција од страна на приватниот сектор повторно би можеле да станат профитабилни места за остварување на профит на самите компании, коишто потенцијално би ги стопанисувале во идниот период, но се разбира ќе има значаен придонес и за локалниот економски развој и за отворање на нови работни места, вели Ѓорѓиев.

Тој додава дека постапката ќе биде транспарентна, отворена, врз основа на јавна електронска аукција и сите оние субјекти коишто имаат идеја и интенција да инвестираат во ширење на туристичкиот бизнис се повеќе од добредојдени да аплицираат на самиот оглас.

За овој вид на објекти идните сопственици дополнително можат да ги искористат и поволностите кои им стојат на располагање во сегментот на инвестициите преку ИПАРД Програмата каде им се кофинансираат половина од прифатливите трошоци за уредување на просторот како и поволностите за вработување на лица кои ги нудиме преку активните мерки за вработување. Севкупно гледано станува одлична можност за инвестиции и развој во туристичко-угостителскиот сектор и за таа цел ги повикуваме сите заинтересирани страни најдоцна до 30.10.2015 год. да се пријават на огласот.

Во рамки на објавениот оглас детално се наведени сите потребни информации за потребната документација, начинот на постапката и информации за секое одморалиште подделно:

– ,,Малешево – Берово е со вкупна површина од 4001 м2 е со почетна цена за електронското јавно наддавање од 45.129.864 денари

– ,,Ѓуриште” – Свети Николе е со вкупна површина од 1060 м2 и почетна цена за електронското јавно наддавање од 4.468.959  денари

– ‘Николиќ – Дојран е со вкупна површина од 6082 м2 и почетна цена за електронското јавно наддавање од 20.680.875,60 денари

– ,,Пелистер” – Битола е со вкупна површина од 5469 м2 и почетна цена за електронското јавно наддавање од 48.646.684,50 денари

– ,,Суви Лаки – Струмица е со вкупна површина од 3446 м2 и почетна цена за електронското јавно наддавање од 14.508.105,00 денари.

Реализацијата на продажбата преку електронско јавно наддавање обезбедува максимална транстарентност и јавност во целокупниот процес на продажба и за таа цел се повикуваат сите заинтересирани физички и правни субјекти да го разгледаат огласот кој е објавен на 30.09.2015 год во весниците Дневник, Вечер и Коха и објавен на web:www.mtsp.gov.mk, и доколку имаат потреба од дополнителни консултации да се обратат во Министерството за труд и социјална политика- Комисија за недвижни и движни ствари 02 3 106 476 и 02 3106 449.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.