Пет филипински војници и офицер се убиени од групата Абу Сајаф

Пет војници и еден офицер биле убиени денеска наутро во заседа која им ја поставиле припадници на вооружената исламистичка група Абу Сајаф, која како огранок на Ал Каеда дејствува на југот на Филипините и малезискиот дел на островот Борнео.

Потврдувајќи го овој извештај, армискиот портпарол во Манила изјави дека борбите траеле 45 минути и дека не се знае дали на страна на терористичката група имало жртви.

Нападот од заседа припадниците на Абу Сајаф го организирале по вчерашните воздушни напади во поширок простор на островот Сулу, за кој се претпоставува дека е центар на главните логори на околу 500 вооружени бунтовници. Воздушните напади армијата на Филипините ги изврши со цел да им се помогне на војниците на копно да го откријат логорот во кој се чуваат најмалку 15 киднапирани лица, од кои шест се странци.

Абу Сајаф, покрај финансиската помош од странство, средства за своето опстојување обезбедува и со киднапирање и уцени на богати бизнисмени и странци.

Пред десетина дена, по добивањето на откуп од шест милиони долари, Абу Сајаф ослободи двајца германски државјани, кои во април годинава ги киднапираше напаѓајќи ја нивната јахта со која крстосувале на југот на Филипините. Во последната порака, десет дена пред ослободувањето, Абу Сајаф се закани дека ќе ги обезглави Германците ако не им биде платен откупот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.