Пет колешки го обвинија актерот Џејмс Франко за сексуално вознемирување

Џејмс Франко го освои минатата седмица Златниот глобус за најдобар актер за улогата во филмот „Тhe Disaster Artist“, но неговото славење не траеше долго, бидејќи пет жени го обвинија за сексуално вознемирување, пишува The Los Angeles Times.

Според написот, повеќе жени актерот го нарекле лицемер и лигавец, поради тоа што носел беџ со написот „Времете истече“, а и самиот бил инволвиран во сексуално вознемирување.

Четири актерки, студентки на школата „Studio 4“, којашто ја основал Џејмс Франко, а им бил ментор, за весникот изјавиле дека се однесувал многу непријатно барајќи да одглумат некои „неприкладни“ сцени, додавајќи дека „бил многу лут“ кога во некои сцени одбиле да се појават голи.

Некои од нив го критикуваа на своите профили на Twitter уште во неделата навечер, откако му беше врачен Зланиот глобус. Триесет и деветгодишниот актор и неговите адвокати ги негираат обвинувањата.

Актерката Сара Титер-Каплан за LA Times рекла дека поддршка на Франко за движењето „Time’s Up“, кое го основаа моќните жени во Холивуд против сексуалното вознемирување, го доживела како шлаканица.

„Во животот преземам одговорност за работи коишто сум ги сторил. Она што е објавено на Twitter не е точно, но ја поддржувам потребата на луѓето да зборуваат за некои работи. Не сакам на ниеден начин да ги спречам во тоа“, изјави Франко за американските медиуми во врска со нападите.

За сексуално вознемирување го обвинија режисерката Вајолет Пејли, и уште три актерки кои ја посетувале споменатата актерска школа Хилари Дасом, Натали Шмијал и Кејти Ријан.