Пет лица обвинети за тероризам во Приштина

Канцеларијата на Специјалното обвинителство на Косово (КСТК) покрена обвинение пред Основниот суд во Приштина против петмина обвинети за разни кривични дела поврзани со тероризам, пишува МИА.

Уапсените се обвинети за организирање и управување со терористичка група, учество во терористичка група, подготвување терористички дела и незаконско производство на експлозивни материјали, се наведува во соопштението на ЕУЛЕКС.

Осомничените, меѓу другото, се теретат и за незаконско поседување оружје и експлозив, поттикнување верска омраза и тешки напади на територија на Косово, како и извршување тероризам на територија на Сирија.

Во соопштението се наведува дека обвинетите се уапсени во Приштина во обид да купат голема количина воено огнено оружје и муниција, како резултат на тековна истрага водена од Управата на полицијата на Косово за борба против тероризмот.

„Оваа 14-месечна истрага вклучи и форензичка анализа на докази од страна на Косовската агенција за форензика и меѓународна правна помош од земјите членки на ЕУ. Постапката ја води меѓународен обвинител од КСТК“, се наведува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.