Македонија

Пет нови линии од скопскиот аеродром

Пет нови линии од скопскиот аеродром
Пет нови линии од скопскиот аеродром

Македонските граѓани преку поволни цени од само 1.200 денари па нагоре, ќе имаат можност од скопскиот аеродром „Александар Велики“ да летаат до нови пет атрактивни туристички дестинации.

Со денешното испраќање на новите летови за Осло и за Фридрихсхафен, компанијата која оперира со македонските аеродроми „ТАВ Македонија“ го прослави отворањето на петте нови рути од ,,Александар Велики’’: Осло, Фридрихсхафен, Барселона, Нинберг и Хамбург.

Пет нови линии од скопскиот аеродром, фото: Курир
Пет нови линии од скопскиот аеродром, фото: Курир

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски истакна дека резултатите од субвенционирањата на нискотарифни летови се покажаа како оправдани и додаде дека се очекува бројот на патници дополнително да биде зголемен, а преку новите линии ќе се зголеми и бројот на странски туристи кои ќе ја посетат Македонија.

Со првиот лет до норвешката престолнина Осло, рано утрово во 6. 00 часот, како и со првиот лет до јужногерманското гратче Фридрихсхафен попладнево во 13. 30 часот, „ТАВ Македонија“ ја почна неделата во која ги отвора петте нови линии со нискобуџетната авиокомпанија ,,Визер”.

-Со почетокот на летото ,,ТАВ Македонија’’ им приредува уште едно пријатно изненадување на патниците на аеродромот Александар Велики. Петте нови дестинации со авиокомпанијата ,,Визер’’ до Осло, Фридрихсхафен, Барселона, Хамбург и Нинберг, сеодлична прилика за сите оние кои сè уште не се одлучиле каде да го поминат одморот. Се разбира очекуваме и доаѓање на туристи и бизнисмени на овие линии, како и полесно и почесто доаѓање во татковината на нашите сограѓани што живеат во овие и околните земји. ,,ТАВ Македонија’’ е целосно посветен на пружање добар сервис на нашите патници,изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Тој додаде дека со отворањето на овие нови авиолинии се очекува натамошен пораст на сообраќајот и бројот на патници на ,,Александар Велики’’.

Авионот за Фридрихсхафен од Скопје полета со 108, а доцна попладнево оттаму во Македонија ќе донесе 169 патници.

Утре попладне (30 јуни) во 18 часот и 25 минути од ,,Александар Велики’’ ќе замине и првиот авион за новата дестинација Барселона, со што Скопје и Македонија за прв пат воздушно ќе се поврзат со Шпанија.

Во среда пак, на 1. јули, скопскиот аеродром ќе ги отвори и новите линии до Хамбург, во 6 часот и 15 минути утрото, како и до Нинберг, во 13 .15 часот попладне.

-Воодушевени сме што имаме пет нови линии кои почнуваат оваа недела, со што вкупниот број на авиолинии на ,,Визер’’ од Скопје се зголеми на 19. Доаѓањето на нашиот петти воздухоплов во базата во Скопје претставува инвестиција во вредност од 80 милиони долари во Македонија. Со цени кои почнуваат од 599 денари, се надеваме дека ќе превезуваме многу патници со нашиот нов ,,Ербас 320’’, изјави Даниел де Карваљо, портпарол на Визер.

Петте нови линии до европските градови ќе ги има два пати неделно. За Фридрихсхафен и Осло во понеделник и петок, за Барселона во вторник и сабота, додека за Хамбург и Нинберг во среда и недела.

Лани скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ доживеа значајна пресвртница – достигна 1 милион патници на годишно ниво, само во првите 10 месеци.

Минатата 2014 година ,,ТАВ Македонија’’ опслужи речиси 1,3 милиони патници и притоа забележа пораст од 20 проценти на годишно ниво, на двата аеродроми – скопскиот,,Александар Велики’’и охридскиот ,,Св. АпостолПавле’’.