Пет облакодери во Лондон евакуирани среде ноќ

Станарите на пет облакодери во Лондон се евакуирани во текот на ноќта кон саботата според упатства на властите, девет дена по драматичниот пожар на облакодерот Гренфил.

Малку пред полноќ општинскиот совет на Камден најави дека вкупно 800 станови во пет облакодери во комплексот „Chalcots Estate“ ќе бидат итно евакуирани, за да се овозможи спроведување на „итни работи“ на безбедноста од пожари.

Надворешниот слој на ѕидовите на овие згради е ист како оној на Гренфил во кој пожар ноќта кон 14 јуни загинаа најмалку 79 луѓе. Работите би требало да траат „меѓу две и четири седмици“.

Во текот на ноќта станарите го напуштиле облакодерот Теплоу со багажи. Упатени се кон локалниот забавен центар „Swiss Cottage Leisure Center“ каде што ја минаа ноќта.

Советот на Камден рано изутрината во саботата објави дека резервирал „стотици хотелски соби“ во Лондон за станарите на зградите во споменатиот комплекс.

Британската премиерка Тереза Меј изјави во четвртокот дека „владата наредила инспекција на надворешните облоги на зградите“ со социјалните станови со кои управува државата во цела Велика Британија.

Според владините служби, само во Англија 600 згради имаат изолација и фасадна облога слична на облакодерот Гренфил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.