Пет обвинители ќе образложуваат зошто СЈО се откажа од случајот „Пуч“

Заврши средбата на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, која траеше околу половина час. На средбата се договарала динамиката со која Јанева ќе го достави и ќе го образложи предметот „Пуч“ и нивната одлука за откажување од обвинението.

Иницијатор на денешната средба беше Катица Јанева. Денеска се договоривме следната недела, петмината обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да имаат средба заедно со членовите на Советот на јавни обвинители и да се договорат како ќе оди постапката, истакна Аневски.

Јанева не даде изјава, само кусо рече дека повеќе детали ќе бидат соопштени на состанокот или по средбата со Советот следната недела.

По претставка од МВР, Советот на јавни обвинители во јануари побара од СЈО да ги образложи причините зошто се откажува од „Пуч“.