Пет работи што треба да ги знаете за бракот

Бракот, институција во која поголемиот дел одамна изгубиле надеж и сомничаво вртат со главите поради високите стапки на инстант-разводи, сепак, сè уште претставува предизвик во кој треба да се успее, кога веќе сте решиле да стапите во брачна заедница.

Бракот може да биде одличен, добар, средно жалосен, ужасен, но со знаењето на овие 5 работи, дефинитивно е многу полесен:

Кога се земате со партнерот, го земате целото негово семејство

Освен доколку семејството на вашиот избраник не живее во Австралија или евентуално во некоја пештера, подгответе се за вистината – ќе се венчате со него, но и со целото негово семејство. И тој со вашето, нормално.

Значи животот не е само јас и ти, планетата не се врти околу двајцата, животот си тече со сите  случувања кои следат, а тие случувања најчесто го вклучуваат поголемиот дел од семејството, со кои ќе се гледате често.

Имате семејни ручеци, празници, свадби и секаков друг тип на прослави, па пожелно би било да се сложувате. За доброто на сите.

Компромис и доверба се клучните зборови

Компромис во врска – „па може да гледаме акција, наместо романтична комедија“. Компромис во брак – „па добро, ќе ги ставам парите во црниот фонд, наместо да си купам нова чанта“. „Ќе ти помогнам, наместо да гледам фудбал“.

Јас си имам денови со моето друштво, ти со твоето друштво. И секој нека си помине убаво, без милион пораки и повици за проверка. Бракот без доверба и оној во кој двајцата нема да прават отстапки и компромиси, е осуден на пропаст.

Многу подобро е ако друштвата ви се сложуваат

Има многу лоши работи во животот, ама кога вашето друштво не го поднесува дечкото, а подоцна мажот на вашиот живот, е непријатно до болка. И обратно, кога во неговото друштво се чувствувате како 13-то прасе.

Или како да ви мирисаат мишките или ви е извалканата блузата, па се чувствувате непријатно.

Тогаш настанува некоја непријатна ситуација, во која се одмеруваат сите присутни, како во игра на руски рулет, тишина поради која се слуша и зуењето на мувата…

Затоа, запознајте се и здружете се со време, затоа што животот е дефинитивно поубав и позабавен ако добро се сложувате со неговото друштво и тој со вашето.

А, ако се сложуваат и двете друштва, тоа е посебна кармичка среќа.

Расчистете навреме дали сакате да имате деца

Има луѓе што не сакаат деца. Тоа не е крај на светот. Но, ако сте во врска со некој што има сосема различна замисла за семејство од вашата, тоа е крајот на бракот.

Значи ова е едно од поважните прашања. Не дали ќе живееме во куќа или стан, дали ќе се возиме во кола со 2 или 4 врати, ќе јадеме пржени или варени јајца за појадок. Дали сакаш да имаш деца во иднина – е прашање кое за успешен брак, не трпи неистомисленици.

Најдобар тест за бракот – пари

Како најдобро се тестира издржливоста на бракот? Еден изопачен филм рече: „Додадете рецесија и минусирајте две работни места“. Или просто кажано – живејте во Македонија, со две просечни плати. Еве ги фактите – нема да има месец без непланиран трошок. Минимум еден, максимум – којзнае, сме стигнале до бројката 6, и страв ми е да помислам на повеќе.

Задолжително ќе има некоја ситна поправка низ домот, некоја повисока сметка, една свадба или матурска или дипломска, задолжително роденден(и), регистрација на кола, непланирано патување, настинка за која магично ќе потрошите 1000-ка за антибиотици и витамини, итн, итн…

Дишете длабоко. Сè ќе биде во ред…