Пет сообраќајки на подрачјето на Скопје, тројца полесно повредени

Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје изврши увид на вкупно пет сообраќајни незгоди од кои во три со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, а две поминале само со материјална штета.

Сообраќајната полиција откри и санкционира двајца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, кои се исклучени од сообраќај, тројца возачи што не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, пет возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците. Санкицонирани се и 12 возачи што не го почитувале ограничувањето на брзината на движење од кои 10 се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, како и 16 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 71 возило кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.