Пет жртви во невремето во Полска

Пет лица, од кои две девојченца, загинале во силното невреме коешто ја зафати Полска каде што владеат незапаметени горештини, соопшти во саботата противпожарната служба.

Девојченца на 13 и на 14-годишна возраст загинале во сон кога на нивниот шатор подигнат во камп во селото Сужек, на северот од Полска, се урнало дрво. Дваесет лица притоа биле повредени.

Покрај тоа, една жена смртно настрадала кога врз нејзината куќа паднало дрво во селото Конарзини, исто така на северот од земјата. Во соседно село загинал маж.

Локалните власти ја потврдија и петтата жртва. Станува збор за 48-годишен маж кои исто така загинал кога врз него се урнало стебло.

Во невремето повредени се вкупно 28 луѓе, а половина милион жители на северот и на југот од земјата останаа без снабдување со електрична енергија.

Во Полска веќе неколку дена владеат незапаметено високи температури, коишто се движат околу 40 Целзиусови степени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.