Пет ѕвездички за Скопски маратон

Скопскиот маратон кој годинава ќе се одржи на 10. Мај е првата трка која го доби највисокото признание „пет ѕвездички“ што го доделува Европската атлетска асоцијација (ЕАА).

Организаторите на сите трки во Европа можеа да аплицираат за една, три или пет ѕвездички, а за да се добие највисокото признание, потребно е да се исполнат 54 услови.

– Со ова признание од ЕАА можат да се гордеат сите што од почетокот кога го возобновивме Скопскиот маратон во 2007 година веруваа во нас и несебично ни ја даваа поддршката и помагаа секоја година да ја подобруваме организацијата на овој спортски настан, кој е од огромно значење за спортот и спортскиот туризам во Македонија, изјави директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.

Дел од условите кои треба да ги исполнуваат организаторите се сигурносната и здравствената заштита на натпреварувачите, мерење со помош на чипови, онлајн-можности за пријавување и плаќање, сертификат од ИААФ и АИМС, безбедноста на тркачите и итн.

Во целата процедура на стандардизација се вклучени и националните атлетски федерации, членки на ЕАА, во која спаѓа и Атлетската федерација на Македонија (АФМ).

-Не беше лесно да дојдеме до ваквото признание, но упорната работа во изминатите години даде плод. Тоа е мотив повеќе за сите нас и во наредните години да продолжиме во иста насока и со ист ентузијазам, изјави Синадиновски.