Петер: Пожарот на зградата на ЕВН, најверојатно од апарати за заварување

ФОТО: МИА

Најверојатна причина за пожарот што избувна претпладне на фасадата на зградата на ЕВН Македонија,  според генералниот директор Штефан Петер, бил огнот од апарати за заварување, пренесува МИА.

За причините на пожарот треба да се почека конечниот извештај, но очевидци дадоа изјави дека истовреме со изградбата на фасадата имало и заварување така што најверојатно причината била отворениот оган од апаратите за заварување, изјави Петер, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од истражувањето за бизнис климата во Македонија.

Во пожарот нема повредени лица

Најважно, како што рече, е што немаше повредени лица, и има само мали оштетувања.

Херои на денот се пожарникарите и луѓето кои работат таму бидејќи тие одговорија и делуваа за неколку минути  беа на лице место и да не беше така не знам  што ќе се случеше. Моја искрена благодарност и честитки до вашите пожарни служби, рече Петер.

Во гаснењето на пожарот што избувна пред десет часот изутрина во зградата на ЕЛЕМ и ЕВН Македонија во центарот на Скопје противпожарните екипи интервенираа со шест возила и со водени топови.