Петир: Избори на 5 јуни – единствен демократски стандард за доаѓање на власт

Маријана Петир, претседателката на неформалната група „Пријатели на Македонија во Европскиот парламент“ и една од највлијателните европратенички од најбројната Европска народна партија (ЕПП), во изјава за МИА испрати силна порака дека Европската унија очекува парламентарните избори во Македонија да се одржат идниот месец според предвиденото како „единствена демократска алатка за доаѓање на власт“.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Петир, која утревечер ќе пристигне во тридневна работна посета во Македонија во име на Европскиот парламент, смета дека за официјален Брисел е најважно во Македонија да има Влада со целосен легитимитет што ќе ја состават оние што на изборите на 5 јуни ќе го добијат мнозинството гласови на македонските граѓани.
– Пред се, јас навистина сметам дека сите мора да ги почитуваме демократските стандарди, а демократски стандарди за доаѓање на власт се избори. Од таа причина очекувам изборите во Македонија да се одржат како што е предвидено во месец јуни и потоа се разбира оние што ќе го освојат мнозинството на тие избори да добијат демократски легитимитет да состават Влада и можеби да носат некои нови или поинакви реформи, децидна е Петир во изјаваta за МИА.
Хрватската пратеничка во Европарламентот вели дека таа не доаѓа во Македонија за да се меша во внатрешните односи, туку да и даде поддршка на македонската Влада, но и пред се на македонскиот народ за, според неа, со заеднички напори да се обидат да ги убедат оние што одлучуваат за иднината на Македонија, а се наоѓаат надвор од земјата, дека Македонија заслужува даутм за отворање на преговорите за членство во Унијата.
– Мој впечаток е дека во Македонија е потребно да се постигне национално единство, да се стави фокус на европските интеграции, да се обедините и заеднички да настапите кон оние што не ја сакаат Македонија во Европската унија, а такви за жал има бидејќи видовме дека поставуваат различни препреки, вели Петир.
Европратеничката која е дел од ЕПП, најбројната политичка групација во Европарламентот, доаѓа од Хрватската селанска партија (ХСС) која е најстара политичка партија во Република Хрватска вели дека повикот да дојде во Македонија го добила уште од Фатмир Бесими додека тој беше потпретседател на Владата, бидејќи македонската Влада многу често организира т.н. европски разговори и дијалози.
– Освен што сум претседателка на неформалната група во ЕП за пријателство со Македонија, јас исто така сум и членка на делегацијата на Европарламентот и Република Македонија. Во таа смисла и сите мои активности и настојувања одат во поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат, а пред се во поддршка на македонскиот народ кој заслужи поинаков третман од овој што денеска имаме можност да го видиме, смета Маријана Петир.
Според хрватската европратеничка, Македонија одамна ги исполнила сите услови што се потребни за отворање на преговори со Европската унија и дека секое понатамошно одлагање и опструкции и внатре во самата Македонија ја оддалечуваат Македонија од таа цел што е исклучително важна. Петир вели дека со отворањето на пристапните преговори се отвораат нови можности за Македонија и за македонскиот народ, а дека со влез на Македонија во ЕУ се отвораат нови и големи шанси да се повлечат средства од европските фондови, да се вложи онаму каде што е потребно и Македонија да тргне со сите сили напред како што тоа според неа и земјата го заслужува, бидејќи како што вели Петир, „Македонија денеска вистински ги чува надворешните граници на Европската унија“.
– Сметам дека Европската унија во вашиот случај не одигра добра улога и дека ако продолжи со ваква политика дека ќе се стекне впечаток дека билатералните прашања се поставуваат како препрека што никогаш во ниту едно пристапување на било-која држава-членка на ЕУ не било услов. Затоа, секогаш сакам да кажам дека мораме најпрво да тргнеме од себе ако бараме од другите да задоволуваат некакви услови, децидна е Петир.