Македонија

хрватската европратеничка со критика за уценувачката политика на Атина Петир: Кога му го земаш името на еден народ, тоа е духовен геноцид

Петир: Кога му го земаш името на еден народ, тоа е духовен геноцид

Во ситуација кога на еден народ сакаш да му го одземеш неговиот идентитет, култура, вредности, дух, да го избришеш како да не постоел, кога му го земаш името, тоа со сигурност може да се нарече духовен геноцид, и тоа е нешто е недозволиво, рече Маријана Петир, хрватска европратеничка од редовите на EPP, во интервјуто во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, коментирајќи го проблемот кој Грција го има со нашето име.

„Сметам дека името го претставува идентитетот. Тоа е заштитен знак. Името e нешто кое останува зад нас и кога ние повеќе нема да бидеме тука. Поради тоа сметам дека со името ниту народот, ниту државата не смее да се коцка. Оние кои поставуваат такви отстапки од Македонија не се добронамерни“, додаде Петир

Рече дека никаде во светот нема друг пример кога соседна држава бара промена на името на државата на својот сосед. Според неа, други држави ги менувале своите имиња, но затоа што тоа самите го сакале, а не зошто некој тоа им го поставувал како услов.

Според Петир, станува збор за класична уцена. Имено таа вели дека кога Владата ги отвори преговорите околу името се покажало дека за Грција не била доволна географската одредница, туку целосно бришење на терминот Македонија од името на државата. Тоа, според европратеничката, не е воопшто прифатливо, таа вели дека истото наликува на народната „Се дава прст, земаат цела рака.“

Во текот на целото интервју Ефтов неколкупати повтори дека Петир има поцврсти ставови за Република Македонија од одредени македонски политичари.

Пристапот кој Грција го има со Македонија, не е прифатлив, не е добар и не може на никој начин да се оправда, вели Петир.

Според неа дополнително е апсурдно што овој проблем се појавува на крајот на 80-тите, а пред тоа не преставува проблем. Таа вели и дека Грција со проблемот со името практично ја дефокусира сопствената јавност од лошите економски политики. Вели дека ЕУ треба “да удри по масата“и да ја запре оваа пародија.

„Јас ова не можам поинаку да го наречам, освен пародија, изживување, една бескрупулозна уценувачка политика. Покажувањето на сила и мускули бидејќи мислиш дека тоа го можеш без никакви причини и аргументи. Тоа по мене е апсолутно недопустливо, јас се надевам и сум оптимист дека правдата на крајот мора да победи. Само не треба да се прифатат никакви уцени и да не се поминат границите кои македонскиот народ ги има“, заклучува Петир.