Петир во Вашингтон ја прими Наградата на македонското пријателство

Македонија да го сочува највредното – идентитетот кој ја прави единствена и препознатлива, изјавила хрватската пратеничка во Европскиот парламент и основач и шеф на групата „Пријатели на Македонија во Европски парламент“ во четвртокот во Вашингтон при примањето на Наградата на македонското пријателство, којашто ја доделува најголемата македонска иселеничка организација Обединета македонска дијаспора (ОМД), соопштено е во петокот.

Претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Методиј А. Колоски, појасни дека Управниот одбор на организацијата ја одбрал токму европтратеничката Маријана Петир за годинешна добитничка на признанието во знак на благодарност за силната поддршка што таа ѝ ја дава на Република Македонија во Европскиот парламент, но и во другите европски институции.

Петир, инаку, е првата политичарка од Европската унија којашто ја прими оваа награда.

„Не постојат зборови со коишто би ја изразила својата благодарност до Обединетата македонска дијаспора што ме почести со оваа награда – ‘Наградата на македонското пријателство’., ова е многу драгоцен знак на пријателство од македонскиот народ кој ми е посебно на срцето, и признание коешто секогаш ќе го ценам“, изјавила Петир примајќи ја наградата, соопшти нејзиниот кабинет во петокот.

Со присутните на свечената церемонија, пратеничката Петир накусо ги споделила на порите кои ги вложува кога станува збор за Македонија, велејќи дека Македонија е дел од европското семејство со кое споделува исто наследство и вредности.

„Мојата желба е да ја видам Македонија како членка на ЕУ и НАТО во блиска иднина. Притоа сакам Македонија да го задржи она најдрагоценото што го поседува: својот идентитет кој ја чини единствена и препознатлива“, рекла Петир.

Хрватската европарламентарка, исто така, истакнала дека ниту една суверена држава не смее да поставува услови на друга суверена држава, ниту да се меша во нејзината внатрешна политика. Подвлекла притоа дека ЕУ не смее да применува двојни критериуми, бидејќи со тоа ја губи својата веродостојно, очигледно алудирајќи на спорот што го има Грција како членка на Унијата со Република Македонија и ја блокира нејзината интеграција во евроатлантските сојузи.

Петир ја охрабрила македонската дијаспора да не се предава во своите борби.

„Македонија и македонскиот народ се борци – сте го покажале тоа толку пати на толку начини Гледајќи ве, македонската дијаспора, гледам еднаква страст која ја видов во очите на секој Македонец и Македонија кои сум ги сретнала. Ви сте силна поддршка на својата земја, продолжете тоа да бидете“, рекла Петир.

„Ќе сториме сѐ што можеме за да ѝ ја обезбедиме на Македонија европската иднина“, се заклучува во соопштението од кабинетот на Петир.

Признание од ОМД доби и Вилма Трајковска, сопруга на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски.

На свеченоста што најголемата организација на македонските иселеници во светот ја организира по 66. Национален молитвен појадок во Вашингтон присуствуваше и пратеникот Владимир Ѓорчев.