„Петка“ на Атлетико кај Леванте

Во последната средба од саботната програма од 13-то коло на шпанското фудбалско првенство Атлетико Мадрид славеше на гостувањето кај Леванте со убедливи 5:0.

Роберт Суарез постигна автогол веќе во 5 минута, а потоа двојни стрелци беа француските репрезентативци Кевин Гамеиро во 29 и 59 минута, и Антоан Гризман во 65 и 68 минута.

Претходно Бетис и Гирона одиграа 2:2 во возбудлив натпревар. Бетис двапати се спасуваше од поразот со головите во 85 преку Андрес Гвардадо и во петтата минута од судиското продолжување со голот на Тељо, а головите за новиот прволигаш ги постугна Порту во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме и во четвртата минута од судиското продолжување на натпреварот.

Во првиот натпревар во саботата фудбалерите на европскиот и шпанскиот првак Реал Мадрид со тешка мака славеа на својот стадион „Сантјаго Бернабеу“ против Малага со 3:2. Реал избегна ново бламирање пред своите навивачи бидејќи 18-пласиранта Малага имаше 2:2 сѐ до петнаесет минути до крајот на мечот кога бекот на гостите гЛуис Хернандез во својот казнен простор го собори Лика Модриќ кој во 62 минута го замени Иско. Кристијан Роналдо лошо го изведе пеналот, но топката се одби право во неговите нозе и Реал славеше.

Карим Бензема во 9 и Каземиро во 21 минута беа стрелци за „кралевите“ во првото полувреме, но жилавата Малага, којашто во претходните 12 кола постигна само осум голови, успеваше двапати да израмни преку Диего Ролан во 18 и Гонзало Кастро во 58 минута.

Во претходно одиграниот натпревар Еибар славеше кај Алавес со 2:1. Головите за гостите ги постигнаа Жордан во 33 и Чарлс во 69 минута, додека за домашните прецизен беше Бурхи во првата минута од судиското продолжение.

На табелата води Барселона со 34 бодови и меч помалку пред Валенсија која исто така има натпревар помалку со 31 бод, а следат мадридските клубови Реал и Атлетикот со по 27 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.