Петка на Барса, седумка на Реал

Фудбалерите на водечката на табелата Барселона и на актуелниот шампион Реал Мадрид постигнаа убедливи победи во средите од 20-то коло на шпанското првенство,

Барселона на гостувањето го совлада Реал Бетис со 5:0. Бетис ја одржа „нулата“ во првото полувреме, но потоа Каталонците во второто ја наполнија неговата мрежа. Барса поведе во 59 минута по убавата акција којашто со својот прв гол сезонава ја заврши Иван Ракитиќ. Во 64 минута Лионеле Меси зголеми на 2:0, а четири минути подоцна Луис Суарез го постигна и третиот гол за гостите. До крајот на мечот по уште еднаш во листата на стрелците се запишаа Меси, во 80 и Суарез во 88 минута.

Откако во последните три кола освои само еден бод и се оддалечи од трката за одбрана на титулата, Реал Мадри сите фрустрации ги истури врз Депортиво Ла Коруња победувајќи го со 7:1. Сезоната која е исполнета со киксови, и овој дуел започна лошо за „кралевите“ бидејќи нивната одбрана беше изиграна во 23 минута кога Адриан Лопез од близина ја смести топката во мрежата. Но набрзо следеше пресвртот, кога во 32 минута Начо Фернандез израмни а десет минути подоцна Герет Бејл со прекрасен удар го донесе водството на Реал од 2:1. Бејл го зголеми водството со удар со глава и во 58 минута, по корнерот што го изведе Тони Крос. Во 68 минута убав гол постигна и Лука Модриќ, а за еден од најстандардните и најдобри играчи на Реал сезонава ова беше прв гол во шпанското првенство. Потоа двапати, во 78 и 84 минута прецизен беше Кристијано Роналдо, својот втор гол на мечот го постигна и стоперот Начо Фернандез во 88 минута.

Во неделата уште играа Алавес и Леганес кои ги поделија бодовите со резултат 2:2, додеа Селта Виго со 2:1 победи на гостувањето кај Реал Сосиедад.

На табелата води Барселона со 54 бодови, Атлетико Мадрид е втор со 43 бодови, Валенсија е трета со 40 бодови, додека Реал Мадрид е четврти со 35 бодови.