Петков: Бугарија е подготвена да и помогне на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ

Подготвени сме да и помогнеме на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Имаме повеќе од 10 години искуство преговори со ЕУ, а сега сме и полноправна членка и можеме многу работи да споделиме, изјави Иван Петков амбасадор на Република Бугарија во Македонија во обраќањето на семинарот на тема „Политики на ЕУ“, организиран од македонското Министерство за надворешни работи.

Петков нагласи дека соработката меѓу Република Македонија и Република Бугарија е многу добра во повеќе области, а особено е корисна во делот на евроинтеграциите каде има интензивна размена меѓу тимовите на двете земји.

Младите дипломати не се оптоварени со предрасуди од минатото, имаат современи гледања и поврзани се со светот. Затоа верувам дека се подготвени да ги унапредат добри билатерални односи меѓу Македонија и Бугарија, рече Петков, пренесува МИА.

Во однос на темата на семинарот истакна дека е многу корисна бидејќи секоја земја треба да знае оти членството во ЕУ носи многу одговорности и бара многу знаење.

Постојат многу комплицирани процедури, силни институции и со цел земјата да ги заштити и одбрани своите права во ЕУ треба да е добро подготвена, зашто тоа не е лесно. Бугарските колеги се тука и подговтени да го споделат своето знаење, рече амбасадорот Петков.

Кипријановска: Бугарските искуства се особено значајни за Република Македонија

Драгана Кипријановска заменик – министер за надворешни работи истакна дека е благодарна за помошта од Бугарското МНР особено во делот на дипломатската едукација која се одвива меѓу Дипломатските академии на двете на министерства.

Република Бугарија како земја членка која го заврши пристапниот процес во ЕУ за Македонија е пример на успешна приказна во процесот на проширувањето на Унијата. Бугарските искуства стекнати на тој пат се незаменливи и особено значајни за Република Македонија која е во очекување да го започне процесот на пристапните преговори, рече Кипријановска.

Пред учесниците на семинарот говореше и директорката на Бугарскиот дипломатски институт Тања Михајлова, која оцени дека јакнењето на капацитетите на администрацијата е многу добра инвестиција во човечките ресурси, а соработката со Македонија во обуки се одвива веќе десет години.

Овој вид обуки, особено во делот на политиките на ЕУ е чекор напред во разбирањето не само на духот на европската туку и на регионалната соработка. Бугарија во 2018 година ќе биде земја претседавач со ЕУ и веќе ја подготвува својата администрација за оваа задача, рече Михајлова.

Бугарскиот дипломатски институт постои од 2003 година и спроведува разновидна програма на обуки во повеќе области за унапредување на вештините на своите дипломати, вработените во МНР и во државната администрација, а спроведува и богата јавна активност за популаризација на својата работа и на официјаланта надворешна политика на Бугарија.