Петковски: СДСM удрира по сопствениот народ, само за да формира Влада со Тиранска платформа

Тоа што вчера се случи во Куманово е срамен и најдолен чин кој најдобро доловува во каков очај е криминалното раководство на СДСМ и аболицираниот криминалец Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиски функционер да нападне граѓанин само заради тоа што излегуваат на улиците и се спротивставуваат на Тиранската Платформа и пазарењето со највисоките национални и државни интереси е чин за осуда и чин кој покажува колку СДС е отуѓена од граѓаните и не ги застапува нивните интереси.

Претседател на Општинска Организација на СДС Куманово, физички нападна граѓанин кој протестираше во Куманово на протесниот марш на иницијативата „За заедничка Македонија“. Тој со погрдни зборови навредуваше човек кој сака да изрази револт, но истовремено го навреди и целиот македонскиот народ.

Тоа што вчера функционер на СДС го направи е грозно.

Очигледно расте нервозата на СДС од се поголемиот револт на граѓаните од Тиранската Платформа.

СДС наместо да се откаже од Тиранската Платформа грчевито ја брани, како да е еден од потписниците на неа.

СДС покажува дека е спремен да удри по сопствениот народ, само за да формира Влада врз темелите на Тиранската Платформа, чии елементи значат редефинирање на државата.

Паднаа маски. Граѓаните видоа дека СДС не се бори за слобода и демократија, туку дека има тоталитарен карактер. СДС се обидува насилно да спречи граѓаните да изразат оправдан револт, да изразат поддршка за унитарна и мултиетничка Македонија, и на крајот на краиштата да протестираат, што преставува уставно загарантирано и основно човеково  право.

Со ова СДС удрија по над 200 илјади граѓани во Македонија, меѓу кои има и членови и симпатизери на нивната партија, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, граѓани кои се противат на наметната Тиранска Платформа, креирана под директива на странски премиер, со намера да ја сруши Македонија онаква каква што ја знаеме.

ВМРО-ДПМНЕ го осудува овој чин на насилство и бара надлежните институции да реагираат и да го санкционираат насилникот. Очекуваме и СДС да се одважат и да го осудат својот функционер, со што ќе покажат дека неговите навреди и напади се изолиран чин на поединец, а не генерална политика на СДС и криминалното раководство предводено од криминалецот Зоран Заев.

И за крај, бидејќи вчера беше упатена една порака до мајките Македонки, да им порачам дека и мојата мајка е Македонка, но за разлика од некои други јас се гордеам со тоа.