Петмина повредени во подметнат пожар во џамија во Шведска

Шведската полиција се уште не уапсила ниту еден осомничен за вчерашниот атентат со подметнат пожар во џамијата во Ескилстуна во кој беа повредени повеќе лица, јави МИА.

Денеска на Фејсбук реагираше антирасистичката мрежата „Заедно за Ескилстуна“ повикувајќи на „љубовно бомбардирање“ за да ја изрази својата поддршка на погодените од атентатот, при што се апелира на собирање крај џамијата и покажување на солидарност со срцата.

Акцијата има за цел изразување поддршка за оние што се наоѓале во џамијата, како и за сите други муслимански верници во шведското општетство.

Полицијата, која веќе вчера соопшти дека се сомнева во подметнат пожар, претпладнево ја започна истрагата внатре во џамијата. Според сведочењето на очевидци, некој фрлил предмет низ прозорецот на џамијата, предизвикувајќи на таков начин силен пожар.

– Нема никакви други податоци околу начинот на кој избувнал пожарот, вели за интернет изданието на „Дагенс нихетер“ Ларс Франзел, кој ја води полициската предистражна постапка.

Сите верници, меѓу кои имало и деца, успеале да излезат од џамијата зафатена со пожарот, но петмина од нив се здобиле со повреди и биле пренесени во болница.

Во моментот на атентатот во џамијата имало околу 20-ина верници Сомалијци.