Петмина затвореница префрлени во Казахстан

Тројца Јеменци и двајца Тунижани, сите досегашн затвореници во затворот во американската база Гвантанамо на Куба, се префрлени во Казахстан, соопшти Пентагон.

Петмината биле уапсени во Пакистан под сомнеж за поврзаност со терористичката мрежа на Ал Каеда, а во затворот на Гвантанамо минале десет години.

Претставник на американското Министерство за одбрана изјави дека овие петмина „повеќе не претставуваат закана“. Тој меѓутоа не објасни зашто ослободените затвореници не се префрлаат во своите матични земји – Јемен и Тунис – туку во Казахстан.

Ова е прв пат, оваа голема азиска поранешна советска република да прима ослободени затвореници на својата територија. Казахстан и САД водеа долги преговори за приемот на затвореници од Гвантанамо.

Ослободените Јеменци и Тунижани се на возарст меѓу 36 и 49 години.

Годинава од Гвантанамо се ослободени вкупно 28 затвореници со овие петмина. Претходно, петнаесет други заминаа во Уругвај, а четворица во Авганистан.

Станува збор за досега најголема група на ослободени лица од затворот на амерканската војска во Куба, откако претседателот Барак Обама се наоѓа во Белата куќа. Во текот на предизборната кампања, Обама ветуваше дека уште во првиот мандат ќе го „испразни затворот“ во Гвантанамо од осомничените за тероризам, осудувајќи ја претходната администрација за чувањето на овие луѓе без да се изведат на суд, но во претпоследната година од неговит втор мандат се уште има 127 затвореници.

Според Пентагон, 59 од нив се подготвени за трансфер, а 15 се означени како „мошне важни“ затвореници.