Петнаесет години од петтооктомвриските промени во Србија

Србија денеска одбележува 15 години од масовните демонстрации на приврзаниците на тогашната Демократска опозиција на Србија (ДОС), по кои од власт си замина дотогашниот шеф на државата Слободан Милошевиќ.

Масовните собири на граѓаните, организирани од ДОС, следеа откако Изборната комисија ја оспори победата на претседателскиот кандидат на ДОС, Воислав Коштуница на изборите одржани на 24 септември 2000 година, пренесува МИА.

Лидерите на ДОС, но и други релевантни чинители, инсистираа дека Коштуница уште во првиот круг го победи својот противкандидат Милошевиќ, додека Изборната комисија соопшти дека кандидатот на ДОС освоил 49 отсто од гласовите, поради што беше најавен втор круг на гласање.

ДОС ги отфрли ваквите тврдења на Комисијата, по што ги повика граѓаните на протести, како и на генерален штрајк, кој кулминираше со рударскиот протест во Колубара.

Протестот кој е одржан во центарот на Белград беше најмасовниот од почетокот на 90-те години. Во српскиот главен град на 5 октомври организирано и масовно пристигнаа граѓани од внатрешноста на земјата, кои тогаш го поддржуваа ДОС. Иако полицијата се обидуваше да ги спречи колоните возила кои тргнаа кон Белград, сепак на крајот сите блокади беа пробиени.

Тој ден е извршен масовен упад на демонстрантите во Парламентот, а беше заземена и полициска станица. Во неколку наврати беше „нападната“ и зградата на РТС, каде е запалено приземјето на медиумот. Портив демонстрантите беше испратен и конвој оклопни возила, во кои се наоѓаа припадници на Единиците за специјални операции при Службата за државна безбедност, но тие не интервенираа.

Следниот ден Милошевиќ конечно и се обрати на јавноста и го призна изборниот пораз. Коштуница на 7 октомври 2000 година положи заклетва пред пратениците како нов претседател на тогашна СР Југославија. Во декември истата година се одржаа и вонредни избори за Парланетот на Србија, на кои ДОС освои речиси две третини од гласовите.

За време на петтооктомвриските настани беа повредени повеќе од 60 граѓани, а двајца ги загубија животите.