Магазин

Петок 13-ти: Баксузен или само вообичаен ден?

Петок 13-ти: Баксузен или само вообичаен ден?

Постојат многу верувања дека петок 13-ти е ден кој што носи несреќа и додека некои на тој ден се многу повнимателни од вообичаено, голем број луѓе не го ни забележуваат значењето на овој датум.

Стравот од бројот 13 некои го поврзуваат со древниот норвешки мит за 12-те богови кои приредиле вечера, на која неповикан дошол 13-ти гостин, невнимателниот Локи, кој успеал слепиот бог на темнината, Ходер, да го натера да го убие Балдер, богот на веселбите и задоволствата.

Според верувањата од времето на стариот Рим, вештерките секогаш се среќавале во група од по 12, додека 13-от член секогаш бил ѓаволот.

Според Библијата, Јуда, апостолот кој што го издал Исус, бил 13-от гостин на Тајната вечера, Ева на петок 13-ти му го понудила јаболкото на Адам, а на тој ден се случила и Големата поплава, запрена е изградбата на Вавилонската кула.

Постои и теорија дека на петок 13-ти во 1307-та година по наредба на францускиот крал Филип Четврти сите темплари во Франција се уапсени и затворени, нивните декрети биле ставени под кралски печат, а целото богатство им било запленето.

Самиот број 13 е предмет на фобија, па така многу висококатници во светот го немаат 13-от кат, аеродромите ја немаат 13-тата писта, болниците и хотелите немаат соба со овој број.

Од друга страна пак, за холандската статистика овој датум и не е баш многу баксузен. Тие дури тврдат дека овој ден е посигурен од било кој друг петок во годината.

Истражувањето на холандскиот Центар за статистика и осигурување покажало дека има помалку сообраќајни несреќи, пожари и кражби на петок 13-ти одошто во било кој друг ден.