Петрушевски: Сакаме да живееме во унитарна и единствена Македонија

Ова „македонски“ изгледа на многумина им пречи. Македонски значи гордост, ние овде се собравме точно заради тоа, да го заштитиме тоа „македонски“. Македонски значи гордост, значи нашата химна, нашите пари, нашата војска, нашиот македонски претседател, најхрабриот и најгордиот човек кој застана зад бедем и гордо рече „не“ за Тиранска платформа, истакна актерот Ванчо Петрушевски на денешниот протестен марш кој се одржува 30-ти ден во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

-Зошто тие што ја протажираат таа Тиранска платформа еднаш не се откажаа од неа, зошто тие што ја прифатија еднаш не рекоа „се откажуваме од таа платформа“. Толку е едноставно да се откажат и после да работат за македонскиот народ. Го лажат својот народ, велат дека ние сме доаѓале овде за сендвичи, дека сме биле платени, дека од користољубие сме доаѓале овде. Ние доаѓаме од љубов кон својата татковина. Нè навредуваат велејќи дека овде доаѓаме со празни глави, дека овој народ овде има помија во главата. Имаат празни глави и помии во главата оние кои ја прифатија таа Тиранска платформа и сакаат да ја спроведат. Сакаат да го заборавиме името Македонија. овој храбар народ излезе со една цел, да ја заштити својата татковина, да ја заштити нашата унитарност, малцинствата, да не заборавиме дека ние имаме малцинства кои исто така се граѓани на оваа татковина, имаме Бошњаци, Македонци муслимани, Роми, Турци. Нема да дозволиме да ја растурат нашата Македонија, вели Петрушевски.

Актерот додаде дека секој ден ќе бидат се повеќе и побројни во борбата против Тиранската платформа.

-За оваа Македонија, унитарна Македонија, животите ги давале пред 100 години, пред 60 години и пред 17 години. Овде има плоча на која се испишани имињата на храбрите синови кои загинаа во 2001 година. Затоа ние секојдневно излегуваме овде и велиме дека Македонија само таква, унитарна и единствена, ја сакаме и во таква Македонија сакаме да живееме, заклучува Петрушевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.