Петте национални телевизии – Ова се нашите црвени линии!

Од Македонската медиумска асоцијација каде членуваат 5-те национални телевизии, Телма, Алфа, Алсат-м, Канал 5 и Сител, сметаат дека треба комплетно да се деполитизира агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми при што во советот ќе бидат вклучени луѓе кои го познаваат медиумскиот бизнис.

Очекуваат и намалување на казните но и поголема слобода при формирањето на сопствената програма. Велат дека овие нивни барања се нивните црвени линии и единствени измени во Законот кои тие ги прифаќаат.

– Петте телевизии бараат принципиелно намалување на актуелните казни коишто во моментов се актуелни. Сметаме дека казните треба да бидат крајна мерка и да не ја загрозуваат егзистенцијата не некој медиум, изјави Атанас Кировски, директор и главен уредник на телевизија Телма.

Од ММА очекуваат дека ќе се стави ред кај авторските и сродни права бидејќи во моментов се контролираат само националните телевизии. Тие сметаат дека до крајот на годинава ќе се воспостави ред и кај кабелските оператори кои емитуваат странски телевизии со програма за која авторските права се платени и од домашен медиум.

Во делот на финансирањето на медиумите од ММА велат дека имаат постигнато договор при што 50 проценти од вкупниот буџет се дели линеарно додека останатите 50 проценти според рејтингот на телевизијата.

Од ММА ги предупредуваат политичките партии да не носат закон кој ќе го фаворизира јавниот сервис, туку истиот да биде регулатор на целокупниот медиумски пазар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.