Петти фестивал за процесирање култура во Струга „ДримON“

Со дваесеттина настани, преку 40 учесници и петдневна програма со мото „Градиме нови генерации“, петтото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“ ќе се одржи од 26 до 30 јули во Струга, во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Тимот на Иницијатива за независен културен активизам ИНКА изминативе месеци подготви програма со која се гордее, па на фестивалот, публиката ќе погледне внимателно одбрана уметничка програма со театарски претстави, изложби, филмови, музика, работилници, дискусии, изградени во соработка со многу имиња и организации, значајни за македонската независна социо-културна сцена. И оваа година „ДримON“ останува ангажиран, солидаризиран со граѓанските каузи и одбра актуелни теми со кои нашето општество мора итно да се справува.

Меѓу генералните вертикали кои се испреплетуваат во петдневната програма е темата за афирмација на жената како автор, творец, идеен носител на општествените промени, одразени преку специјалната фестивалска селекција „За женски каузи“ поддржани од страна на „Цивика мобилитас“, како и фестивалска селекција „Мрдни со прст за справување со оптадот“, која е застапување за совесно справување со отпадот и загадувањето, преку предлагање зелени идеи. Публиката на фестивалот ќе има можност да учествува на дискусии за загадувањето од струшката депонија, за пристапноста и способноста на институциите и општеството за лицата со посебни потреби, за клиентелизмот во медиумите, како и за учеството на жената во социо културниот живот.

Тимот на „ДримON“ застанува и зад не помалку важните граѓански права – право на пристапност и правото на фер информирање, со што ова издание тежнее за едно поубаво општество за новите генерации, кое го акцентира правото на култура, забава и афирмација на заеднички вредности.

Програмата „Градиме нови генерации“ се на најавува како ново, проширено и утврдено поглавје на „ДримОN“ за малиот јубилеј.

„Кога ентузијастички почнавме да го градиме фестивалов, магловито сонувавме дека би можел да стане голем, но никогаш не можевме да претпоставиме дека ќе стане поголем од снагата на нашите десеттина пара раце“, вели Кристина Тодороска Петреска, дел од менаџерскиот тим на фестивалот.

Објасниа дека минатото издание беше предвесник за она што, можеби на почеток несвесно се обврзале дека ќе опстане.

„Тогаш беше иницирана новата генерација. Со кампањи, со обуки, подготовки, со прекрасни состаноци и средби со многу чинители, промовиравме дека не мора да сме сами во оваа дримска приказна. Еве, не сме – и покажуваме со ова издание на новата генерацијата, дека здружно со меѓусебна помош, со најдоброто од сите и голема љубов за достигнување, можеме планини да поместиме“, рече Тодороска Петреска.

Додаде и дека годинава, фестивалот им подели сериозни и одговорни улоги на дваесеттина студенти кои уште од првото издание учеа помагајќи како се гради фестивал.

„Нашата кауза како културни работници е, круната на едно општество- уметноста , да ја засадиме на спремна и плодна почва, незагадена, почва што го уважува уделот на жената, почва што ја заштитува и поттикнува… Таа почва е лесна за газење за секој нејзин поединец. Почва подиум, почва сцена, искултивирана почва која што ќе сакаат да ја култивираат и идните генерации. Без таква почва културата е тешка гломазна кула врз еродирани темели. За таква почва се застапува ова издание и сака да посее надеж, оптимизам, дека како што стоеле зад нас така и ние зад нив ќе бидеме ветер во крила да сонуваат тука“, рече Тодороска Петреска.

Петтото издание на „ДримON“ е поддржано преку ад хок грант на програмата „Цивика Мобилитас“ , со кој се финансира селекцијата на жени авторки и „Мрдни со прст“ кои заедно со волонтерски ангажман на заедницата ја помагаат инфраструктурата на зелената зона. НУЦК „Браќа Миладиновци“ е копродуцентски партнер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.