Петти состанок на Меѓуресорско тело за човекови права

Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа петтиот состанок на Меѓуресорското тело за човекови права, со кое раководи министерот за надворешни работи Никола Попоски, а во него членуваат државните секретари на ресорните министерства, директори на релевантни агенции и претседатели на независни тела за човекови права.

Меѓуресорското тело е формирано во април 2012-та година, со цел давање предлози за унапредување на законската регулатива од областа на човековите права, и за подобрување на координацијата меѓу сите надлежни министерства и органи во Владата при преземањето на меѓународните обврски во областа на човековите права,  како и нивна имплементација на национално ниво.

На состанокот, меѓу другото беа разгледани прашањата поврзани со презентацијата на Вториот национален извештај на Македонија за Универзалниот периодичен преглед што во рамките на Советот за човекови права на ОН се одржа на 30 јануари оваа година во Женева. Исто така стана збор и за создавање законски можности за акредитација на Народниот правобранител со статус А, согласно париските принципи за независни институции за човекови права. Со оглед на актуелноста на прашањата поврзани со криминал од омраза, беа разменети мислења за можноста од евидентирање на вакви случаи од страна на надлежните институции во државата.

Беше разгледана и можноста од ратификација на некои важни меѓународни инструменти од областа на заштитата и промоцијата на човековите права, како што е Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилство врз жените и домашно насилство, позната како Истанбулска конвенција, како и извештајните обврски на Република Македонија по меѓународните инструменти за човекови права, вклучително и актуелните обврски во областа на човековите права во контекст на интеграцијата  со ЕУ.