Пежо осомничен за измама за загадувањето од дизелските мотори

Иследници се сомневаат дека францускиот производител на автомобили PSA (Peugeot) намерно произведувал дизелски автомобили кои не биле усогласени со стандардите за ограничувањата за загадување на природната околина, пишува во петокот парискиот дневен весник Le Monde, што веднаш беше демантирано од компанијата.

Истрагата смета дека компанијата усвоила „глобална стратегија за производство на мотори со фалсификувани податоци и нивна продажба“, пишува весникот Le Monde, повикувајќи се на извештај во кој имал увид.

Извештајот на француската државна агенција за борба против измами бил заедно со други документи основата за покренување истрага во „Peugeot-Citroen“, во април годинава, пишува натаму во написот. Според тврдењето на Le Monde, извештајот покажал дека PSA од септември 2009 до септември 2015 година во Француска продал 1,9 милиони дизелски возила „со мотори кои функционираат на основа на измамничката стратегија“.

Весникот пишува дека PSA би можел да добие казна од пет милијарди евра. Портпаролот на компанијата за агенцијата AFP изјавил дека ги отфрла тврдењата за стратегијата за измама, повторувајќи дека нивните технолошки избори за намалување на загадувањето биле сосема усогласени.

Од компанијата, исто така, истакнуваат дека правосудните власти не ги контактирале, изразувајќи запрепастување тоа што информациите се доставени до трета страна, додека ним не им е овозможен пристапот до извештајот наменет за канцеларијата на државниот обвинител. Од PSA ја бранат својата стратегија во поставките на моторите, истакнувајќи дека даваат приоритет на ниските емисии на азотни гасови во градовите, овозможувајќи воедно подобра рамнотежа меѓу азотните и емисиите на јаглеродните диоксиди на отворен пат. Додаваат дека нивните возила не биле никогаш опремени со софтвер кој би овозможувал лажирање на резултатите при тестирања на емисиите на штетните гасови.

Автомобилската индустрија воопшто е под сомневања дека настојува да ги заобиколи строгите стандарди за еколошка заштита откако германскиот концерн „Volkswagen“, најголемиот производител на автомобили во Европа, во септември 2015 година призна дека 11 милиони автомобили ги опремил со уреди коишто овозможуваат фалсификување на податоците за емисија на штетните гасови. Тие уреди го контролираат загадувањето при тестирање, блокирајќи го соодветниот механизам во возењето.

Обвинувања слични на овие за PSA, француските иследници адресирале и на францускиот произведувач „Renault“, тврдејќи дека повеќе од 25 години мамел на тестовите за загадување од дизелските и бензинските мотори. Од „Renault“ ги отфрлиле ваквите обвинувања.

Француските власти, исто така, ги разгледуваат и тврдењата дека со слични механизми за измама користеле и „Volkswagen“ и „Fiat Chrysler“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.