ПичПрич

Има едно непишано правило: колку повеќе се честита некој празник, толку во стварноста неговото значење е одамна заборавено и потрошено. Исто е за Нова година, верски или државен празник. Колку повеќе луѓето си посакуваат мир, љубов, здравје, среќа – толку повеќе тие нешта се не само дефицитарни, туку се и празни флоскули кои означуваат нешта што ја изгубиле својата смисла (ако некогаш и ја имале).

Но, потребата да се обележуваат ваквите денови упорно опстојува, наспроти сите факти што зборуваат за апсурдноста на таквиот чин. Луѓето можеби имаат добра мисла (или скриена надеж за нешто подобро), но сето тоа организирано лицемерие навистина може да оди на нерви. Еве, погледнете само како го истуркавме 8 Март! Сите си ја одработија задачата: сопрузите покажаа знаци на нежност кон сопругите; учениците ги опсипаа со подароци учителките; шефовите им подарија (со пари од фирмата/државата) нешто симболично на своите вработени или ги почестија сите во кафеаните; итн. Можеби најинтересно е што оваа година 8 Март во Македонија се „падна“ на 4 март, кога партиските шефови ги собраа своите активистки под своја закрила, за случајно да не одлучат малку пореволуционерно да го одбележат денот на протест против промената на името.

Премиерот, освен на партиската забава од каде што испраќаше (не)соодветни инспиративни пораки, цитирајќи ја Маргарет Тачер (!?), се појави и на „Маршот на жените“ организиран од невладиниот сектор, и тоа со својата сопруга. Ах, за малку ќе заборавев на големиот чин во парламентот! Не, не беше сменет Законот за абортус, ниту прифатија модел на родово буџетирање со кое жените би стекнале шанси за економска еманципација. Пратеничките добија „Женска соба“! Не знам дали во парламентот има катчиња за мајки, размена на искуства за диети, совети за мода, готвење или само за озборување – но, знам дека еманципирани жени, избрани од граѓаните, да се борат на говорница, со законски предлози и на јавна сцена. Не изостанаа ни пригодните културни манифестации, па оние најагилните едвај стасаа да се појават на сите настани на кој се млатеше празна слама. На крајот на денот заблеска нашата drama queen, Фатиме Фетаи, која можеби не остави белег на правосудната сцена, но затоа „доби“. Доби најголемо внимание! Настанот, традиционален веќе, организиран од женската интелектуална елита, е наречен #ПичПрич; очигледно, увезен од Запад, како што кажува и името (инаку, едвај некој и да знае зошто се вика така, но сите го прифаќаат со она смешкање под мустаќ, што зборува само по себе. Една од авторките на идејата, во ФБ статус, го опишува како настан поврзан уметноста на раскажувањето, со усната книжевност, кој отвора нови врати и крши табуа.) И така, можеби за жените во Македонија ништо не се смени и на овој 8 Март, но сѐ уште фрчат колумни и ФБ статуси за настапот на „фам фатал“, Фатиме која уште никого не фатила (а за што е повеќе од добро платена, заедно со онаа со чипките и со нејзината елоквентна портпаролка која ја покрива нејзината глупост). Фатиме се покажа и како жртва и како херој, во смисла на мислата на Џон Меквортер: „секое трето лице на светот е кралица на драмата. А да се биде „жртва“ која плаче, особено кога не си вистинска жртва, дава убаво чувство. Убаво е чувството да зборуваш како жртва, а да не се една од нив.“ Конечно, веројатно во чест на празникот, се огласи и Агенцијата за аудиовизуелни услуги, која изрече (симболична) казна против ТВ медиум на кој гостинката, метафорички, во дуел со полициски генерал, споменала застарени термини (стари моми и распуштеници) и извршила вербален деликт! Каква политичка коректност и спротивност од она за што се залага ПичПрич, зар не!?

Кои се успешните жени во Македонија, земјата која се наоѓа на претпоследно место според родовата еднаквост во регионот? Кој чекори на чело на колоната на „Маршот“, која го поставува прашањето „Има ли што да се слави“? Настрана што настанот беше „киднапиран“ од политичката елита, но ликот на „сопругата Заева“ (како што ја именува владината служба во официјалното соопштение од настанот) е доволен за сѐ да ви стане јасно. Целиот (женски) дел од семејството Заеви се прослави со богатиот животен стил, луксузи, привлечен, па и провокативен изглед, фотографии од монденски одморалишта. Таа е дел на „трач-рубриките“. Но, многу позначајна е Рада (наречена Прада), која како министерка за одбрана речиси ѝ објави војна на Русија, кога со егзалтација ги дочекуваше американските тенкови! Таа жена, наречена и Марија Антоанета, е дел на најбогатиот слој на општеството, и симболизира спој на либерален феминизам зачинет со милитаризам. „Маршот“ остана на ниво на НВО манифестација, без да допре каде што треба. Само во една колумна, феминистка го подигна гласот против „успешните жени“, споменувајќи ги сите оние кои остануваат во сенка, без глас, чии права редовно се кршат, најчесто благодарение на успешните во транзицијата. Од светот, а особено од западните метрополи, стаса пораката дека женската еманципација е невозможна во услови на капитализам. Коренот на сите зла, и не само на женската, туку на човечката нееманципација и неслобода, лежи токму во она што го проповедаат (прич, ако не пич!) политичарите. Но, на балканската периферија сѐ е наопаку: тука се глорифицира неолиберализмот како спас, како панацеа. Како најголем дострел се смета акомодацијата на правата на жените од различни социјални, етнички и други групи во ваквото структурално насилство, кое е ставено во секси обланда на НАТО+ ЕУ = благосостојба. Само да стасаме таму и сѐ ќе биде подобро. Нам дури и шмекот на Амстердамската ноќ, со „перформанс“ на улица на црвени фенери и излози со полуголи женски тела ни се продава/ше како модернизација и еманципација, па дури и како борба за остварување на правата на сексуалните работнички.

Глобалните елити одамна го усвоија јазикот на феминизмот, со која ја оправдуваат бруталната експлоатација и неолибералниот развој, особено на светската периферија. Клучните аспекти на либералниот либерализам, вклучително и империјализмот, милитаризмот, политиката на штедење и структурно прилагодување (на слободниот пазар) се вградени во реториката и агендата на владејачките елити на европско ниво; нашите се само папагали, кои автоматски ја повторуваат научената мантра. И кога слушате што денес се смета за значајно на агендата на женската еднаквост и еманципација, барем од позиција на жена на мои години, се прашувате: како е можно да им врват вакви проектчиња? Како е можно Фатиме и нејзиното диско да создаваат бура, а не шивачките кои умираат во нечовечни работни услови? Не само што немаме што да славиме, туку имаме и за што да жалиме; сѐ што беше изградено низ генерации, со традициите на социјализмот, не само како законски придобивки, туку и како култура и состојба на умот и духот, денес е урнато и препакувано. Новите хероини се секси, со Гучи чанти и бунди, дрски, слушаат турбо-фолк, и се популарни фаци. Каква врска имаат тие со самоеманципацијата и борбата на женскиот пролетаријат, па и прекаријат, со правда и еднаквост на сите луѓе? Пичприч не поминува во Мадрид, но добро минува во Скопје – бидејќи тоа ни е нивото. ДНО ДНА!

Автор: проф. др Билјана Ванковска за Нова Македонија