Пијан азилант во Франција со нож ранил четири лица, едно тешко

Млад барател на азил од Авганистан во вторникот е изведен пред иследници и го чека притвор откако во понеделникот ноќта во многу алкохолизирана состојба со нож ранил четири лица, од кои едно тешко во југозападна Франција.

Уште на самиот почеток од истрагата „многу брзо“ е исклучена можноста за тероризам, истакнало државното обвинителство во градот Перижоз додавајќи дека 19-годишниот осомничен кој вели дека во Франција пристигнал во 2016 година, нема судско досие. Во моментот кога го извршил нападот бил „мртов пијан“, бидејќи пиел од попладнето и тврди дека на ништо не може да се сети, рекле изворите на агенцијата AFP.

Истражниот судија го испитува во вторникот ноќта. Државното обвинителство побарало притвор за момчето до неговото изведување на суд во петок.

Младиот маж кој живеел кај роднини, исто така баратели на азил, нападнал група девојки коишто минувале пред неговата куќа, наведува француската полиција.

Кога двајца случајни минувачи се обиделе да го смират, влегол во куќата , земал кујнски нож и со нив ги ранил во пределот на главата и вратот. Потоа нападнал двајца браќа, на 64 и на 68-годишна возраст коишто исто така ги прободел со ножот, едниот во градите а другиот во грбот. Додека вториот се борел со него, се вмешал млад Камерунец кој успеал да го совлада и да му го одземе ножот.

Полицијата потоа го привела напаѓачот, но морала да чека потполно да се отрезни за да може да го сослуша.

Тројца од настраданите се отпуштени од болница, а четвртата жртва којашто е прободена во рамото и во вторникот ноќта ќе остане во болница на набљудување, соопштило државното обвинителство.