Македонија

Пијанечко-малешевскиот крај масовно го прославува денешниот празник Ѓурѓовден

Пијанечко-малешевскиот крај масовно го прославува денешниот празник Ѓурѓовден

Во Пијанечко-малешевскиот крај, населението масовно го прославува денешниот празник „Св.Ѓорѓи Победоносец“ (Ѓурѓовден).

Во сите градски и селски цркви во општините Делчево, Македонска Каменица, Пехчево и Берово утрово се одржаа празнични богослужби. Големи прослави со културно-уметнички, забавно-спортски приредби и заеднички трпези се одржуваат во манастирскиот комплекс „Св. Ѓорѓи“, лоциран помеѓу малешевските села Будинарци и Митрашинци, како и во пехчевското село Панчарево, во делчевските села Вирче и Драмче, на месностите Ѓурѓово дабје и Светите води, во дворот на параклисот „Св. Ѓорѓи“ кај средновековната тврдина „Маркова кула“ и во повеќе излетнички места на Голак, Влаина, Огражден, Малешевските планини и покрај Калиманци, Беровско езеро и Брегалница.

Според вековната традиција во овој крај Ѓурѓовден како домашен празник го слават сите оние што го носат името Ѓорги, Ѓурѓа, Ѓоше, Гошо, Гоце, Гоца, Ѓоко, Гого… Роднини и пријатели ги посетуваат нивните домови и им делат благослови за здравје и бериќет, а домаќините ги послужуваат со ракија, слатко од сливи, ѓурѓовденски гурабии и други специјалитети.

Денеска со повеќе ритуали Ѓурѓовден го слават и Ромите во Пијанец и Малеш, како и сопствениците на стада овци, кози и говеда.