Пијанистот Аркадиј Волдос вечерва на „Охридско лето“

Еден од најпознатите пијанисти во светот, Аркадиј Волдос, вечерва со почеток во 21 часот ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ во Охрид во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Волдос е познат како „гениј на клавијатурата“ кој се одликува со поетичност во изведбите. Вечерва, за публиката на „Охридско лето“ ќе изведе композиции од Франц Шуберт, Јоханес Брамс и Роберт Шуман.

„Несомнено е дека Аркадиј Волдос е името по кое ќе се памети 54-тото издание на фестивалот. Особено ми е драго што по неколку години преговарање, конечно го имаме маестрото прв пат во Македонија“, изјави селекторот nа фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска.

Волдос е предводник на пијанистичката елита на денешницата. Настапувал во Европа, Азија и Америка каде соработувал со најеминентните оркестри.