Магазин

Пијанистот Максим Мрвица вечерва на Охридско лето

Пијанистот Максим Мрвица вечерва на Охридско лето

Генијалниот пијанист Максим Мрвица вечерва ќе настапи на „Охридско лето“.

Мрвица, кој е една од многуте ѕвезди на годинешното фестивалско издание, изрази огромно задоволство што е тука во Охрид, што ќе има можност да настапува пред охридската фестивалска публика, во прекрасниот амбиент на Античкиот театар.

– Мило ми е што успеавме да го реализираме моето прво гостување во Македонија, на овој познат фестивал на кој настапувале големи имиња од светската музичка сцена, особено квалитени пијанисти кои мошне добро ги познавам и го претставуваат самиот врв на светската елита, рече Мрвица.

Хрватскиот маестрален пијанист Максим Мрвица, „пијанистичкото чудо од Шибеник“, со своите исклучителни изведби молскавично ја освои меѓународната сцена. На 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, не престанал редовно да вежба и за време на војната во Хрватска успева дури и да ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб, а потоа стекнал одлична пијанистичка школа на Музичката академија во Загреб, на конзерваториумот „Франц Лист“ во Будимпешта, Националната школа за музика (“Ецоле Натионал дес Мусиљуе“) и конзерваториумот „Александер Скриабин“ во Париз.

Денес Максим Мрвица е еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер-пијанист во светот кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави и бројни меѓународни награди и признанија. Својот прв албум „Гесте“ го објави во 1999 година, а неговото следно издание, албумот „Д пијано плејер“ („The Piano Player“), во 2003 година беше објавено за славната издавачка куќа „ЕМИ Класикс“.

Во 2010 година, Максим беше поканет од Шопеновото друштво од Варшава да настапи на концертот во чест на 200-годишнината од раѓањето на композиторот. Сингловите и спотовите на Максим Мрвица звучеа на Олимписките игри во Грција и во Кина.

Комплетноста на неговата сценска појава се согледува и во неговиот посебен моден стил, резултирајќи со соработка со неколку водечки модни куќи, како „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз. Неговата харизма и неизмерлив талент ги привлекоа некои од најголемите светски брендови од калибарот на БМВ, Мерцедес и други.