Пикасо во Македонија: Изложба на славниот уметник во МКЦ

Младинскиот културен центар во соработка со приватната галерија Висконти од Љубљана, Словенија, пред македонската публика ќе ја претстави, изложбата на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо во Галеријата на МКЦ.

На оваа изложба ќе претставена збирка од четириесет и шест графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година. Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.

Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Во одредени периоди од неговиот живот, графичките записи во плоча или литографски камен се надоврзуваат како во дневник. Познато е дека како незапирлив креатор, Пикасо сакал постојано да менува и да прескокнува од една техника на друга, од цртеж на сликање, од графика на обликување предмети и скулптури. Познато е дека неговите раце никогаш не мирувале, без разлика дали е во друштво на пријателите, на ручек или на вечера, играјќи си, скоро несвесно, од случајно најдени предмети или хартии, создавал изненадувачки уметнички дела.

Не е изненадување што целиот негов опус, како и неговиот богат животен пат, сè уште се предмет на проучување на историчарите на уметноста, писателите и психоаналитичарите, а изложбите со неговите дела сè уште привлекуваат исклучително внимание кај публиката. Едноставно, неговите дела сè уште го развеселуваат човечкото око и зрачат со енергија полна со животна радост, која можеби е уште повидлива во неговите мали, на прв поглед помалку значајни дела.

Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата Висконти во Љубљана, Словенија.

Пикасо во Македонија: Изложба на славниот уметник во МКЦ
Пикасо во Македонија: Изложба на славниот уметник во МКЦ

Реализацијата на изложбата е помогната со финансиска поддршка од Министерството за култура на РМ.

Од 09:00 наутро до 09:00 навечер, дванаесет часа секој ден, светлата галерија на МКЦ со широко отворени порти за вас! Педесетина уникатни графички дела, или педесетина “прочистувачи” на очите, духот, видикот, нас… Влезот е бесплатен!  Од 19 – ти февруари, до 16 – ти март Пикасо во Македонија.