Пике објави крај на репрезентативната кариера

Бекот на Барселона, Жерар Пике, објави завршување на своите настапи во дресот на фудбалската селекција на Шпанија, во изјава за шпанскиот весник Diario AS.

„Зборував со новиот шпански селектор Луис Енрике пред седмица или две. Му кажав дека донесов одлука да ја завршам кариерата во кариерата, и за неа долго размислував. Тоа беше прекрасна фаза од мојата кариера, ги освоив шампионатите на Европа и на светот. Меѓутоа, сега сакам да се фокусирам на Барселона“, рекол 31-годишниот Пике кој инаку со Енрике соработуваше и во каталонскиот клуб.

Пике е од најраната во Барселона минувајќи ги сите категории, а за првиот тим дебитираше во 2008 година. Дотогаш настапуваше за англиски Манчестер Јунајтед од 2004 и 2008 година, со тоа што во шпанска Сарагоса беше позајмен од 2006 до 2007 година. Со Барселона стана седум пати шампион на Шпанија, шест пати го освојуваше националниот Куп на кралот, и седум пати Суперкупот, а трипати стана првак на Лигата на шампионите, двапати победник на Суперкупот на УЕФА.

Во составот на шпанската репрезентација редовно настапуваше од 2009 година и за неа одигра 103 натпревари на кои постигна пет голови и впиша три асистенции. Со „Црвената фурија“ ги освои Светското првенство во 2010-та и Европското првенство во 2012 година. Пике настапи на три мундијала (2010, 2014, 2018) и на два континентални шампионати (2012, 2016).