Пилешки ќебапчиња и пудинг со суво овошје денеска на менито во кујната на Нетпрес

За денешниот ручек Ви предлагаме две вкусни рецепти, одлични ќебапчиња од пилешко месо и неодолив пудинг со суво грозје.

Потребно:

750 гр пилешко месо (копан со надкопан, бидејќи белото месо е суво)

250 гр сланина

1 јајце

Половина китка магдонос

2 чешниња лук

Сол и бибер

Масло за јадење

Подготовка:

Сомелете ги пилешкото месо и сланината убаво. Потоа, додадетеги лукот, јајцето, ситно сецкан магдонос и зачинете по вкус.

Со намастени раце формирајте ќебапчиња, а потоа оставете ги половина час да одстојат во фрижидер.

Пржете ги на грил тава, послужете со помфрит и свежа салата.

А за десерт одличен зимски пудинг зачинет со суво грозје.

 

Пудинг со суво грозје

Потребно:

100 гр суво грозје

4 лажици лозова ракија

1 ќесичка желатин во прав

500 мл млеко

200 гр гриз

80 гр шеќер

1 ванилин шеќер

250 гр павлака

40 гр сечкани фстаци

1 кг сливи (може и смрзнати)

125 мл црно вино

125 мл сок од грозје

цимет

2 лажици нишесте

јајца

Подготовка:

Сувото грозје преку ноќ оставете го потопено во ракијата. Во зовриеното млеко, сипете го гризот и мешајте. Жолчките од јајцата заедно со шеќерот,желатинот и ванилиниот шеќер, додајте ги во гризот и продолжете да мешате. Белките и павлаката изматете ги одвоено. Во смесата додадете ги сувото грозје и 2/3 од фстаците. На крајот ваквата смеса ставете ја во садови и оставете да се стегне.

Сливите ставете ги во тенџере, ставете црвено вино, сок од грозје и цимет, и оставете да се вари. Откога ќе изврие, оставете го на оган уште 3 минути.  Нишестето разметете го со вода и полека додадете го во садот за варење. Откога ќе се излади, посипете го пудингот со компотот од сливи, а за декорација употребете го остатокот од фстаците и сувотo грозје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.