Свет

Пилотите на „Флај Дубаи“ се жалат: Компанијата не’ користи до максимум

Пилотите на „Флај Дубаи“ се жалат: Компанијата не’ користи до максимум

По несреќата на авионот на „Флај Дубаи“ во Ростов на Дон во Русија и по мегскандалот за компанијата, која е најголема на Средниот Исток, што ја објави телевизиската куќа „Раша Тудеј“ поголем број пилоти се јавиле и велат дека компанијата наводно прави измама со распоредите на пилотите така што ги пролонгира нивните работни часови и им забранила да пријават дека не се чувствуваат добро или се уморни.

Сите пилоти со коишто Раша Тудеј стапила во контакт одговарале но побарале целосно да останат анонимни. Некои од нив велеле дека се плашат за сопствениот живот, затоа што луѓето може буквално да „исчезнат“ во Обединетите Арапски Емирати.

Иако на рекламите компанијата промовира модерен авио-парк и луксузни услуги, наводно има криза во вработувањата што може да доведе до страшни последици.

Поранешен пилот вели дека најпрво треба да се провери нивото на замор кај пилотите, затоа што седум пилоти во Емиратите се присилени да работат како што работат 10 или 11 пилоти во било која европска авио-компанија.

Причината за ваквото растргање е профитот, нагласува тој, додавајќи дека авиокомпанијата се обидува да заштеди пари така што нема да вработи доволно пилоти.

Авиокомпанијата сака да ги искористи пилотите до максимум, бидејќи пилотите чинат пари. Така тие сакаат да заштедат пари и ги експлоатираат пилотите, вели тој.

Во меѓувреме друг пилот којшто сеуште работи за компанијата вели дека бројот на пилоти се повеќе се намалува.

Не успеваат да вработат доволно пилоти за да надокнадат за загубите… Така се случува пилотите да работат се повеќе и повеќе. Состојбата се влошува, појаснува тој.

Трет пилот, кој вели дека бил казнет затоа што поднел извештај за потенцијално опасната ситуација што мора да се поправи, како и заради тоа што си заминал поради болест (затоа што неможел да го поднесе притисокот од компанијата) појаснува што според него е најголемиот проблем:

Има голем проблем затоа што голем број искусни пилоти си заминуваат затоа што несакаат да го поддржуваат овој систем на страв. Затоа луѓето поднесуваат оставка. Тоа значи дека има се помалку луѓе што би можеле да управуваат со авионите, а нема нови луѓе. Тоа значи дека работата се распоредува на останатите пилоти, а нивните часови за летање се зголемуваат, поради што луѓето се преморени и често се разболуваат, вели тој.

Уште еден момент што компанијата наводно го злоупотребува е манипулацијата на распоредот, каде се земаат само во предвид часовите за летање, а не се зема во предвид времето што пилотите го поминуваат на аеродромот пред да „се пријават“.

Според сведоштвата на пилотите, на овој начин компанијата добива по еден час од секој пилот, со секој лет.