„Пинг Понг“ најдобра HTML5 апликација на натпреварот на МИОА

Министерството за информатичко општество и администрација заедно со корпорацијата Intel, денеска ги доделија наградите од натпреварот за развој на HTML5 апликација.

Победничка апликација на овогодинешниот натпревар е „Пинг Понг“ на авторот Миле Костоски. Второнаградена е апликацијата „Такси“ на авторите Бојан Војновски, Игор Завојчевски, Филип Митервски, Дарко Пајковски и Весна Ристевска, а третото место го освои апликацијата „Планер на цели“ на студентите Тони Наковски, Бобан Аврамвски, Катерина Трифуновска, Жанко Митревски и Мирјана Арѓир.

Првонаградениот од министерот Иво Ивановски и останатите организатори доби лаптоп, а второ и трето пласираните добија таблети и сертификати за постигнатиот успех.

„Вложивме сериозни напори во доменот на создавање млади кадри во нашата земја, кои активно ќе работат на полето на ИКТ технологиите и со тоа индивидуално и тимски ќе придонесуваат за целокупниот развој на македонското општествено живеење. Поддршката и помошта од македонската влада и надлежните институции во оваа област е силна, а тоа го докажуваме и со денешниот чин на мотивирање и стимулирање на најуспешните“, рече Ивановски.

На натпреварот беа пријавени 11 групи, составени од еден до пет членови и имаа период од 30 дена да осмислат, програмираат и достават HTML5 апликација со комплетна функционалност.

Комисијата која ги оценувала учениците била составена од претставници на државните универзитети во Република Македонија, на МАСИТ, на ИКТ Комората на Македонија, како и претставник на МИОА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.