Пипо вети дека повторно ќе даде се од себе за Милан

Веднаш откако го потпиша понудениот 2-годишен договор, новиот предводник на италијанскиот калчо гигант Милан, Филипо Пипо Инзаги изјави дека среќен што добил шанса да седне во тренерското столче, дека за него ова е голема чест да биде предводник на еден толку голем клуб, за клубот во кој ги поминал најубавите години од неговата фудбалска кариера.

“Многу сум среќен. Ова е незаборавен ден за мене. Сакам прво јавно да му се заблагодарам на клупскиот претседател, Силвио Берлускони, на останатите клупски челници кои имаа доверба во мене, кои ми ја овозможија оваа уникатна шанса. Нема поголема чест, не можам да бидам повеќе горд на фактот дека ќе бидам тренер на овој престижен клуб. Ќе бидам тренер на клубот кој е дел од мене веќе многу години. Ќе бидам тренер на клубот со кој имам поделено многу радосни и незаборавни моменти. Подготвен сум да дадам се за овие бои, да ја покажам мојата пасија, одлучност, исто како и во времето кога бев фудбалер на Милан и тренер на младинскиот тим. Сакам да ги гушнам сите најверни фанови на Милан. Напред Милан”, изјави Пипо за официјалниот сајт на италијанскиот калчо гигант.

Како тренер на малдинскиот тим до 19-години, Пипо забележа неколку историски резултати и го освои победничкиот трофеј на познатиот фудбалски турнир “Виареџо”, а како фудбалер на Милан, Пипо освои две титули во Серија А и две титули во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.