Пирло: Италија не е само учесник, Италија ја сака светската титула

Лидерот во репрезентативниот тим на Италија, Андреа Пирло, јавно го пофали националниот тим на Англија, кој ќе биде првиот противник на „азурите” во групната фаза на Мундијалот во Бразил.

„Добро знаеме дека Англија има одличен тим, дека има голем напредок во нивната игра. Англија има нов тим, во кој доминираат помладите фудбалери кои се многу брзи. Мора да бидеме внимателни во сите 90 минути, немаме право на ниту една грешка. Секоја грешка ќе биде скапо платена, ова се однесува на двете репрезентации. Италија е подготвена за првиот мундијалски предизвик, Италија секога е на висина на задачата кога игра против репрезентацијата на Англија. Убеден сум дека ќе создадеме неколку чисти шанси пред противничкиот гол. Овој тим на Италија не зависи од играта на Пирло. Мора сите репрезентативци да дадат се од себе, само така ќе забележиме позитивен резултат во Бразил. Италија ја сака светската титула, јас не сум тука за да бидам дел од Мундијалот, јас сум тука за да го освојам”, изјави фудбалерот на Јувентус.